Техничка помош за зајакнување на капацитетите на Државната комисија за жалби по јавни набавки

Загреб, 08 октомври 2009

Третото продолжение на работилница на тема: „Правната заштита во системот на јавните набавки“ наменета за членовите и вработените во Државната комисија се одржа во просториите на комисијата на 8 октомври 2009 година каде што како предавачи се појавија претставниците на Државната комисија за контрола на постапките за јавни набавки од Република Хрватска. На неа беа разгледувани важноста на доказите за потврдување на способноста на економските оператори, битни повреди при постапувањето на договорните органи, како и постапување на Државната комисија по конкретни предмети.



Почетокот на меѓусебната соработка започна на 22 јануари 2009 година, кога Државната комисија за жалби по јавни набавки оствари првична средба со претставници на SIGMA (Support for Improvement in Governance and Management, A joint initiative of the OECD and the Europеan Union), на која претставниците на SIGMA беа запознаени со дотогашните активности на Државната комисија, нејзината законска надлежност и вкупните капацитети со кои располага. Тогаш беше договорено да започне директна соработка во областа на обуки за членовите и вработените државни службеници во Државната комисија со цел придонес кон зајакнување и развој на транспарентен систем на јавни набавки и правна заштита.



Во рамките на овој мини – твининг проект првата обука беше организирана и одржана во Клубот на пратениците во Скопје од страна на SIGMA на 01.04.2009 година со тема: „Правните лекови во ЕУ за јавните набавки и најнов развој на состојбите во јавните набавки во ЕУ и во Република Хрватска“ на која, покрај претставник на SIGMA во својство на презентер - гостин, учествуваа и двајца  експерти, Горан Матешиќ и Зоран Блажевиќ од Државната комисија за контрола на постапките за јавни набавки од Република Хрватска.



На Втората меѓународна конференција која се одржа во Дубровник, Р. Хрватска на 28 и 29 мај 2009 година во организација на Државната комисија за контрола на постапките за јавни набавки од Република Хрватска и SIGMA, учествуваа и три претставници на Државната комисија за жалби по јавни набавки на Република Македонија. Темата на конференцијата беше: „Правните лекови во системот на јавните набавки“, при што беше презентирано Европското искуство на правната заштита во јавните набавки, а имаше и заеднички состанок на сите Државни комисии кои се надлежни за правната заштита при спроведувањето на постапки за доделување договори за јавни набавки во регионот на југо - источна Европа, на кој беа разменети сопствените искуства и индивидуалниот напредок на институциите.   



Втората работилница наменета за членовите и вработените во Државната комисија на тема: „Правната заштита во системот на јавните набавки“ се одржа во просториите на Државната комисија на 7 и 8 јули 2009 година со учество на двајцата експерти од Државната комисија за контрола на постапките за јавни набавки од Република Хрватска. На работилницата беа разгледувани поединечни предмети од правната пракса на Државната комисија на Р. Хрватска, понатаму начинот на постапувањето на Државната комисија по конкретни предмети за правна заштита, предлог на стратешкиот план на Државната комисија, како и правилата за постапување и конкретни предмети по кои постапувал (case study)  Европскиот суд на правдата за судска заштита на правата во постапки за доделување договор за јавна набавка.



На 28 и 29 септември 2009 година беше одржано едно Советување на членовите и вработените во Државната комисија со експертот Горан Матешиќ од Р. Хрватска, на кое беа разгледани досегашниот напредок во работата на Државната комисија и искуствата во поединечни постапки за доделување договори за јавни набавки како Рамковни спогодби.

До крајот на 2009 година, во рамките на овој проект е предвидено да се направи едно студиско патување на 29 и 30 октомври за членовите и вработените на Државната комисија за контрола на постапките за јавни набавки од Република Хрватска, како и уште две советувања од страна на хрватските експерти до крајот на годината кои би се одржале во просториите на Државната комисија за жалби по јавни набавки во Скопје.