СТРУЧНА РАБОТИЛНИЦА

ПРАВНА ЗАШТИТА ВО ПОСТАПКИТЕ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ

- перспективен развој -

 

Почитувани,

 

На 18 февруари, 2010 година во хотел „Александар Палас“ Скопје се одржа Стручна работилница организирана од страна на Државната комисија за жалби по јавни набавки во соработка со СИГМА – која претставува заедничка иницијатива на Европската Унија и ОЕЦД, главно финансирана од ЕУ.

 

Во текот на Стручната работилница се дискутираше на следните теми:

 

  • Перспективен развој на системот за јавни набавки – зголемување на транспарентноста преку правната заштита;
  • Државна комисија за жалби по јавни набавки – досегашна практика и перспективен развој;
  • Преглед на јавните набавки во Европската Унија: основни принципи, постапки и институции;
  • Постапката за јавни набавки во Република Хрватска – досегашни искуства;
  • Уредување на јавните набавки во трговските друштва; Хрватска пошта АД, Загреб - практични примери -;
  • Правни лекови во системот за јавните набавки – искуства од Република Унгарија; и
  • Практика на правна заштита во јавните набавки - Прирачник за правната заштита во постапките за јавни набавки во Македонија.

 

 

За да се зголеми нивото на ефикасност, експедитивност и транспарентност на системот за јавни набавки, потребно е да се обезбедат соодветни инструменти. Голем придонес за зголемување на нивото на транспарентност во процесот на правната заштита на постапките за јавните набавки, и за јавните набавки воопшто, секако претставува новиот официјален веб сајт на Државната комисија за жалби по јавни набавки, како и прирачникот за „Правната заштита во постапките за јавни набавки “.

Веб страната како и споменатиот прирачник се резултат на активноста на Државната комисија за жалби по јавни набавки во изминатата година. Организацијата на оваа стручна работилница и изработката на прирачникот се во соработка со СИГМА, организација во рамките на ОЕЦД, која што дава потпора на развојот на системот за јавни набавки.



Интернет страницата на Државната комисија за жалби по јавни набавки (www.dkzjn.gov.mk) содржински е дизајнирана на начин на кој може да се добие увид во досегашната практика на Државната комисија за жалби по јавни набавки преку соодветни документи донесени од основањето на Комисијата, со континуирано ажурирање на нејзината содржина.

Тука се наоѓаат и сите технички и услужни информации кои се однесуваат на остварувањето на правната заштита во јавните набавки, и појаснување на сите фази на жалбената постапка, како и рокови и надоместоци за водење на жалбената постапка.

На веб страницата се дадени информации за адресата на Комисијата, релевантни законски акти, биографии на членовите на Државната комисија, информации кои се однесуваат на институтот јавни набавки и слично.

Одлуките на Државната комисија за жалби по јавни набавки, се формално прилагодени со цел преку објавување на веб страницата, истите да бидат достапни на јавноста, и се добар инструмент за зголемување на степенот на транспарентност на јавните набавки, како и на степенот на едуцираност на сите потенцијални учесници во постапките.



Прирачникот за „Правната заштита во постапките за јавните набавки“ е печатен во мал број, но ќе биде достапен, бесплатно, на голем број заинтересирани лица од областа на јавните набавки и слободно ќе може да биде симнат од оваа веб страница.

Со оглед на начинот на дистрибуирање, а особено на областите и темите кои се обработени, се очекува дека прирачникот значително ќе допринесе за зголемување на степенот на едуцираност на учесниците во постапките за јавни набавки. Прирачникот претставува теоретски и практичен материјал, кој истовремено претставува упатство и исто така има голем број на примери кои се лесно применливи во пракса.

 

Во секој случај, ова прво издание на Прирачникот ќе доживее и нови изданија како и надополнување во согласност со дадените и предложени коментари.